Од Скопје преку Велес и Пробиштип до Кратово има 140 километри. Кога ќе го минете Грофчанскиот мост веќе сте во Кратово. Влегувате некако одеднаш. Од пат буквално кон тесни чаршиски камени сокаци.

Кратово е најстариот град на Балканот, а тоа го докажуваат големиот број артефакти пронајдени тука. Во околината на Кратово и Кратовско се пронајдени повеќе монети од времето на пајонскиот крал Адалјон (315-285 п.н.е.).


Интересно е дека на кулите имало и шематизирани прикази (Златкова кула) на мртовечка глава, за разбојникот уште кога ќе ја види да се уплаши.
Кулите всушност биле станбено-одбранбени објекти ѕидани од полуобработен камен. Вулканските топки (кои се доста тешки) заедно со оловото и боровата смола (најлесно се топат) биле качувани на четвртиот кат за оттаму да бидат испукувани врз евентуалниот непријател. Кратовските кули и ден-денес имаат сопственици. Но, на сите порти има катинари. За жал, најголемиот дел од сопствениците чекаат некои подобри времиња.


На почетокот на 20. век во Кратово сè уште имало 14 живи моста. Сега, тие што функционираат се: Грофчанскиот мост, Чаршискиот, Јоркширскиот (или свинскиот мост), Аргуличкиот и, секако, Радиниот мост. Грофчанскиот е единствниот мост со два свода со кој се поврзува Ајдучката чаршија со десниот брег на Кратовска Река. Од неговата лева страна е Домот на културата, старо, но обновено здание кое исто така сведочи за неимарската вештина на безимените мајстори.