Градоначалникот на Струмица соопшти дека водата е безбедна за пиење

Пиејќи вода налеана од чешмите во фабриката за прочистување, Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, соопшти дека водата од брана Турија е донесена до ниво да е безбедна за користење. Објави дека добиле два последователни резултати од акредитирана лабораторија за хемиско-физичкиот состав на водата и една микробиолошка анализа, кои покажале дека водата е чиста и може да се пие. Тој заедно со раководството на ЈПКД „Комуналец“, изрази надеж дека проблемот со водата за пиење во Струмица и шест околни населени места ќе биде решен во наредните денови. Очекува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да издаде решение за безбедноста на водата, откако ќе бидат завршени сите потребни анализи.

  • По две направени анализи од акредитирана лабораторија за хемиско-физичкиот состав и една анализа за присуство на бактерии, имаме докази дека водата е чиста и безбедна за пиење. Чекаме уште резултатите од Институтот за јавно здравје за финална потврда“, изјави Костадинов.

Костадинов ги осуди неодамнешните донации на вода за пиење, потенцирајќи дека „немаше никаква потреба за донации, особено што една компанија од Кавадарци донираше директно на политичка партија“.

Според градоначалникот, недозволиво е што за целиот овој период не се одржала средба за да се утврди изворот на манган во водата од браната Турија. Тој додаде дека пратениците на СДСМ ќе поднесат интерпелација за министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, бидејќи тој не се појавил во Струмица за да даде објаснување за проблемот. Костадинов заврши со прашање зошто водата во општините Василево и Босилово сè уште не е безбедна за пиење и зошто нема информации за тоа.

Инаку, покрај Струмица водата не е исправна за пиење и во општина Василево, чие комунално претпријатие се снабдува со вода од истата брана Турија, а од пред неколку дена во Општина Босилово има забрана за пиење на водата од водоводната мрежа иако тие добиваат вода од други извори.