Македонскиот уметник Емил Петров покрај во земјава ја шири македонската уметничка светлина на повеќе странски атрактивни локации.
Минатиот месец во Дубровник, Хрватска се одржа 4. издание на фестивалот на светлосна и видео мапинг уметност „ЛУМИАРТ ДУБРОВНИК“.
Оваа година фестивалот Лумиарт Дубровник се одржа под мотото „Нека има светлина!” (“Let there be light!”) во чест на неколку хрватски познати научници и изумители.
Фасадите на повеќе репрезентативни објекти во Дубровник беа осветлени со дела на видео мапинг уметници, а познатите улици во Дубровни беа збогатени со светлосни инсталации на повеќе светлосни уметници.
Посетителите на Дубровник во тек на трите фестивалски дена можеа да ги погледнат делата на светлосните уметници од неколку држави и да уживаат во еден од наубавите градови на светот Дубровник обоен со светлосна уметност.
Делото на македонскиот визуелен уметник Емил Петро во форма на мапинг видео арт со наслов “LIFE/ЖИВОТ” беше претставено на фасадата на познатата Спонца (Sponza) палата во срцето на стариот град Дубровник.
Концептот на арт видео мапингот „Живот” говори за врската меѓу човековата ДНК и вештачката интелегенција во вид на аудио визуелно уметничко доживување на музика на италијанскиот пијанист и композитор Саша Латука.
Емил Петро за expres.mk вели дека имал огромна чест да биде дел од магијата на фестивалот Лумиарт Дубровник.
,,Мојата локација за претставување беше прекрасната фасада на палатата Спонца на крај на познатата улица Страдун во Дубровник.
Фасадата на Спонца палатата (16 век) е предмет на истражување во голем број архитекти и историчари на уметност, за мене беше посебна инспирација и предизвик. Оваа палата е направена како микс од Ренесансен и Готски стил, и имала различни функции во тек на историјата, а денес во неа е сместен богатиот државен архив на градот Дубровник.
Моето дело во вид на видео мапинг арт „Живот” претставува дел од мојот циклус „Црвено” на кој работам во последните години. Во подготовките за моето претставување на фестивалот на светлосна уметност Лумиарт се одлучив во истражувањето да вметнам тема од почетоците на мојата уметничка работа со фокус на ДНК како наследен материјал кај живиот свет и природата од една страна и можностите на Вештачката интелегенција од друга страна како дел од еволуцијата на нашата планета и цивилизација во последните 30 години. Музиката за овој видео арт е на пијанистот и композитор Саша Латука од Палермо, Италија. Со Саша Латука ова ни е четврто заедничко уметничко патување, по моето учество како визуелен уметник на неговиот самостоен концерт под наслов “Piano in Space”. Со ова дело се претставивме на два фестивали во Палермо и Фавара на југ на Сицилија.
Неколку пати во тек на фестивалските денови имав аплаузи и коментари од публиката која со задоволство го погледна мојот видео арт како светлосна интервенција на фасадата на познатата Спонца палата. На мое големо задоволство и радост добив покана за учество на фестивалот и следната година на 5. издание на „ЛУМИАРТ ДУБРОВНИК“, вели Петров чии дела може да се видат и во успешни македонски театарски, музички и други проекти.