Гоце Делчев е Македонија, но треба и Македонија и Македонците да бидат Гоце Делчев, не само еден ден!

Пишува: Свето Тоевски

Пред 122 години на денешен ден, на 4 мај 1903 година, во селото Баница престана да чука срцето на Гоце Делчев, најголемиот водач на револуционерната борба на македонскиот народ за извојување слобода и создавање своја самостојна држава Македонија. Но, тогаш не престана да чука срцето на револуционерна Македонија. Овој највелик Македонец, како величествена пројава на еден индивидуален бунтовен дух, го одрази во целина бунтовниот дух и на народот македонски, од кого поникна. Многу историчари, многу други народни и револуционерни дејци рекле дека Гоце Делчев е Македонија, но треба да се запрашаме денес, во овие мигови на сеќавања за неговата херојска смрт: дали и Македонија е Гоце Делчев? Колку неговите пораки навистина одекнуваат и се задржуваат дејствително во свеста на македонскиот народ не само повремено, на одбележувањата на денот на неговото загинување, како и на денот на неговото раѓање, туку и потоа, во другите денови од годината?

Зашто, македонската илинденско-асномска револуција во 1944/1945 година беше крунисана со слобода и со конституирање на македонската држава, иако само на едното парче на македонската етнојазична територија, на вардарска Македонија. Но, „Преспанскиот договор“ ја урна асномска Македонија, а „добрососедскиот договор“ со Бугарија се стреми да го доврши разнебитувањето на другите најбитни елементи на идентитетскиот комплекс на македонскиот народ, покрај тоа што му беше одземено името Македонија и идентитетската одредница „македонски“. Оттука, се наложува потребата да се пристапи кон возобновувањето на илинденско-асномските темели на Република Македонија како Република Македонија и на националниот, јазичен, културен и историски идентитет на македонскиот народ, оспорени од двата „добрососедски договора“.

Политичката идеологија и револуционерното кредо – „вјерују“ на Гоце Делчев, што е најчистата суштина на македонизмот, сфатен како филозофија на слободата, се најдобриот пат и денес, по 122 години, во која насока треба да се реализираат новите мирновременски активности за возобновувањето и опстојот на Македонија како држава, но и на животот и просперитетот на македонскиот народ како засебен етнос во Балканот и светот.

Бележито место во колективното национално помнење на македонскиот народ зазема знаменитото истапување на Гоце Делчев во февруари 1896 година пред бугарскиот врховистички генерал Данаил Николаев: „Ние, селаните, македонското население, народот, нема да им дозволиме на други да прават политика со Македонија, ниту ќе им дозволиме на други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога… Ние не бараме покровители, а уште помалку господари.” Со други зборови кажано, Македонците треба да бидат самите господари на својата судбина и самите да водат своја, македонска политика за себе, да не дозволуваат други во оваа нова геополитичка ера на 21-иот век да прават „европска“ и „бугарска политика“ со нив, во интерес на официјална Софија.

Во овој контекст потсетување на уште еден важен настан и реакција на Делчев, поврзана со него. Бугарите сакале по секоја цена да го запрат процесот на Македонското национално ослободително движење, за да можат територијално да ја заземат Македонија. Дури, во 1902 година, со оглед на мешањето на Бугарија, бил предизвикан инцидент, односно било кренато, поради провокација на Бугарите, така нареченото Горноџумајско востание. Кога Делчев разбрал за ова бесно изреагирал: „Зарем не гледате дека на Бугарите им пречи тоа дека сме Македонци? Бугарите не нѐ сакаат нас, Македонците. Тие да нѐ сакаа немаше да ни дадат пушки без муниција. Тие ја сакааат само територијата на Мајка Македонија.“

Но, апостолот на револуционерна Македонија и искажал и вонвременската порака „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, со што ја искажал сета благородност, величенственост и етика на македонизмот дека народите треба да живеат заедно, да се почитуваат и да соработуваат. Вдахнати од личноста и делото на својот водач Делчев, Македонците треба да иницираат активности, со кои светот и посебно Балканот би можеле да се претворат повеќе во поле на културен и цивилизациски натпревар, во кое ќе бидат избришани двата споменати „добрососедски договора“, а наместо негирања, омраза и непријателства, би се створил простор за вистински добрососедства, за заемно признавање, почитување и соработка меѓу македонскиот, бугарскиот, грчкиот, албанскиот и на сите други народи.  

Покрај тоа што бил идеолог и организатор на Македонската револуционерна организација, водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, Гоце Делчев бил и политичар, кажано со денешен речник, кој изнел многу мудрости, со што ја предочил македонската идеологија и иднина и на денешново и следните македонски поколенија. Издвојуваме дел од тие други визионерски и вонвременски мудрости и пораки на Гоце Делчев. „Јас не познавам друг народ, кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“ „Труд и постојамство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива.“

Делото на ослободувањето на еден народ, е пред се, негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.“ „Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“ „Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух.“ „Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.“

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите.“ „Македонија има свои интереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета како добар Бугарин, Грк или Србин, но не и како добар Македонец.“

Дали согледуваме и по 122 години колку се свежи овие ставови на Делчев, анализирани и од денешна гледна точка, небаре како да го слушаме токму денес да говори на плоштадот „Македонија“ среде Скопје во врска со моментните внатрешно-политички  и меѓународно-политички околности, во кои се наоѓа и живее македонскиот народ?! Овие мисли на Гоце Делчев ќе одекнуваат секогаш низ времињата како вонвременски пораки и завет до секое, па и до ова денешно македонско поколение, секогаш да ја штити својата колективна и индивидуална македонска национална свест, да не се мири со неправдите, угнетувањата и националните понижувања, како завет за секој Македонец да го чувствува за својата татковина Македонија она истото, што го чувствуваше и Гоце Делчев.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена објективна историско-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ставови на која било политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум од Република Македонија)