Струмичкиот интернационалец и најдобар играч на Македонија Горан Пандев би можел да ја продолжи својата кариера во Индиската Супер Лига.

Неофицијални информации за трансферот на освојувачот на Лигата на шампионите со Интер доаѓаат и од кругови блиски на играчот но и од клубот Делхи Динамо кој што три дена откако добил нов тренер сака да го доведе Пандев во своите редови.


Клубот од Њу Делхи кој минатата сезона бил полуфиналист во Индиската прва лига за догодина планира засилување на ростерот во кој има место за македонскиот фудбалер.

„Лавовите“ од Њу Делхи се еден од најбогатите индиски клубови и доколку Горан покаже интерес лесно ќе се дојде до договор, пишуваат дел од индиските медиуми цитирајќи извори блиски до Пандев кои што откриваат дека тој е во очекување да види дали Џенова ќе му го продолжи договорот.

„Горан чека да види дали Џенова ќе му понуди нов договор по истекот на актуелниот. Тој е во врвна кондиција дури и по крајот на сезоната а заинтересираните клубови го имаат во предвид овој факт. Имаме понуди од Италија и Индија. Горан е професионалец ќе продолжи да работи и е подготвен да го искуси непознатото, доколку интересот од Индија е конкретен. Една работа е сигурна, дека заинтересираните клубови ќе имаат шампион на теренот и надвор од него“, изјавил за индиските спортски медиуми извор близок до Пандев.

Инндиските медиуми веруваат дека и покрај тоа што не е споменато името на клубот се работи за Делхи Динамо кој од пред неколку дена го најми португалскиот стратег Мигуел Анхел за нов тренер. „Лавовите“ не знаат дали ќе го продолжат договорот со 37 годишниот французин Флоренс Малуда и во Пандев гледаат соодветна замена.

Динамо од Њу Делхи минатата година беше најефикасен клуб во Индиското првенство а целта за догодина е финале и шампионска титула.