Голужа: Македонија може далеку на ЕП во Хрватска

Прашан кој е фаворит на претстојното Европско првенство за ракометари во Хрватска, поранешниот селектор на „коцкестите“ Славко Голужа одговори дека не смета оти Франција е главен фаворит, а меѓу тие што можат да изненадат ја посочи и Македонија.

„Тие играат со години само на сила, а кога ќе им се постави тактика, тогаш не знаат каде се. Не би рекол дека Французите се главни фаворити. Тука се Германците, Данците, Норвежаните, а мислам дека би можеле да изненадат Македонија или Унгарија и оти тие би можеле далеку“, изјави Голужа, сега тренер на словачкиот првак Татран Прешов.

Македонија стартува на шампионатот в сабота од 19:30 часот во Загреб против Словенија, чиј кружен напаѓач Блаж Благотиншек со респект зборува за противникот и за неговиот селектор Раул Гонзалес.

„Знаеме дека старата Македонија играше поинаков стил на ракомет, а сега ‘расте’ со новиот селектор. Ако само го погледаме Вардар, можеме да видиме дека игра многу добар и брз ракомет… Ќе видиме. Првиот натпревар на шампионатот секогаш е многу важен“, изјави пикерот на Веспрем што го поврзуваа со трансфер токму во Вардар, кој има бронзен медал од минатогодишното Светско првенство во Франција.

Во групата Ц „црвено-жолтите“ за противници ќе ги имаат уште бранителот на титулата Германија и Црна Гора.