„Голема преселба на народите“ со 1.500 автобуси

Какви епски димензии ќе има тоа што е најавено за утре во Атина зборува најавата од организаторот дека за „големата преселба на народите“ од грчките провинции до главниот град се ангажирани 1.500 автобуси, три пати повеќе отколку на протестот пред две недели во Солун.

Грчката полиција планира да постави бариери за да ги раздвои демонстрантите на плоштадот „Синтагма“ од анархистите, кои најавуваат контрапротест напладне пои локално време пред Атински универзитет, два часа пред „историскиот настан“.

Големи делови од центарот ќе бидат постепено затворени за сообраќај, почнувајќи од 6 часот изутрина, а метро-станиците „Синтагма“, „Панепистимио“ и „Омонија“ ќе бидат затворени во 10 ч.

Организаторот на митингот против употребата на зборот „Македонија“ во името на северниот сосед објави дека ја прифатил понудата од националистичкото политичко движење составено од армиски ветерани „Патриотска унија на хеленски народен марш“ ЕЛЛАС да ги „штити“ демонстрантите од антифашистичките групи и од анархистите.

Меѓу „групите за надгледување“ што ќе бидат распоредени од страна на ЕЛЛАС ќе бидат и членови на организацијата на резервните командоси ОДЕЈО и „Национален штит за спас“.

Како главен говорник е најавен композиторот Микис Теодоракис, а на масата ќе ѝ се обратат и тројца свештеници од Грчката црква, која го поддржа протестот по првичната резервираност на архиепископот Јероним.