Кошаркарите на Голден Стејт ги исполнија очекувањата на сите познавачи на играта и станаа прваци во НБА лигата. Во петтиот меч од финалето од плеј офот Вориорси дома славеа со 129-120 и со 4-1 ја затворија серија во која, со така мотивирани и квалитетни кошаркари како Кевин Дурент и Стеф Кари едноставно и не можеа да загубат.
Дурент одново броеше преку 30 поени, конкретно 39 со 7 скока и пет асистанции и заслужено дојде до признанието МВП на завршното парче во НБА разигрувањето, во кое само нијанса послаб беше ефектот на Кари кој утринава имаше 34 поени, со 10 додавања и 6 фатени топки. На спротивната страна нов осамен блесок на Леброн Џејмс кој со 41 поен, 13 скока и 8 асистенции го одржуваше мечот егал до пред крајот, но не вредеше зошто играчите од клупата на Кавс дадоа само 7 поени.
“Дадов се од себе во петте дуели од финалната серија. Изгубивме, тие се најдобри. Покажаа дека се најдобар тим во сезоната”, рече Леброн Џејмс.