Една од најбогатите, најукрасените и најавтентичните цркви на Балканот, се наоѓа во Радовиш. Црквата “Св. Троица” е соборна црква во Радовиш, и претставува едно грандиозно дело, едно вистинско неверување за очи, кога ќе се погледне на прв поглед, затоа што во оваа црква е вградено толку голема љубов и внимание, што ја прави една прекрасна комбинација на духовното и уметничкото.

Започната со градба во 1997. година, а осветена во 2003. година, црквата Св. Троица собира 600 верници и ги има речиси сите карактеристики на македонските цркви, но и такви кои потекнуваат од црквите во Грција, Украина и Русија.
Ктитор е Ристо Гуштеров, а фрескоживописот е дело на светски познати мајстори од Украина.


Она што особено остава без здив е иконописот на црквата, изработен од 24 каратно злато, но она што треба да се забележи е и присуството на антички белези во внатрешноста, односно ликовите на Александар и Филип Македонски, како и ѕвездата од Кутлеш. Мноштвото мозаици пленат со својата убавина како во ентериерот, така и во екстериерот.
Храмот во Радовиш е вистинско свето здание кое вреди да се посети, да се почувствува одблиску, да се види целата духовна раскош. Единственото нешто кое би го понеле со себе после едно вакво одушевување е мирот, спокојот во душата, љубов кон Бог и радост на лице.