Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги критикуваше нападите на Украина длабоко во Русија со употреба на оружје испорачано од Запад, велејќи дека тие само го ескалираат конфликтот меѓу Киев и Москва.
Трамп ја даде изјавата во денешното интервју за магазинот „Тајм“, кое го прогласи за личност на годината.
„Многу жестоко се противам на испраќање ракети стотици милји во Русија. Зошто го правиме тоа?“, праша тој реторички.
Според него, ваквите напади „само ја ескалираат оваа војна и ја влошуваат“.
„Тоа не требаше да се дозволи да се направи… И мислам дека тоа е многу голема грешка, многу голема грешка“, рече тој за ударите длабоко на меѓународно признатата територија на Русија.
Трамп се врати на прашањето подоцна во интервјуто, велејќи дека „најопасната работа во моментов“ е фактот што „[украинскиот лидер Владимир] Зеленски одлучи, со одобрение од, претпоставувам, претседателот [Џо Бајден], да започне да стрела со проектили во Русија“.
„Мислам дека тоа е голема ескалација. Мислам дека тоа е глупава одлука“, нагласи тој.
Коментарите на новоизбраниот претседател на САД дојдоа еден ден откако руското Министерство за одбрана објави дека украинските сили истрелале шест проектили ATACMS обезбедени од САД врз воен аеродром во близина на јужниот град Таганрог. Две од нив беа соборени, а останатите пренасочени со помош на електронска војна за време на нападот, соопшти Министерството. Паднатите остатоци резултирале со повредени и со помали оштетувања на две згради и неколку возила, се додава.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска порача дека одговорот на Русија на ударот врз Таганрог „ќе следува во момент и на начин што ќе се смета за соодветен. Но, тоа дефинитивно ќе следува“.