Феноменална игра и уште повредна победа на машката ракометна репрезентација на Македонија до 20 години против Франција од 30:29 за деветто место на 14. Европско првенство во Словенија!

Дека Македонија има блескава иднина покажа уште првото полувреме, кое избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ го добија со 15:10 против истиот тим на „триколорите“ од кој во разигрувањето за пласман претходно беа убедливо поразени со 25:18!

„Црвено-жолтите“ имаа предност и во целото второ полувреме, иако противникот успеа да израмни, за во самиот финиш да добие подарок пенал и црвен картон за Дамјан Митев, но Иван Галевски одбрани за огромна радост на македонските ракометни надежи и на нивната бучна поддршка од трибините во салата „Головец“ во Целје.

Фантастична партија за македонскиот тим од левото крило Дамјан Субашевски, кој реализира 6 од 7 удари кон францускиот гол, а шест пати француската мрежа ја погоди и „бисерот“ на македонскиот ракомет Дамјан Митев.

Десниот бек Димитар Узунчев запиша пет погодока, а средниот бек Мирче Калајџиески четири.

Македонија оствари пет победи, две нерешени и само еден пораз, од Франција, со што го повтори пласманот на деветтото место од Светското првенство во Хрватска минатата година и покажа дека во сениорска конкуренција овие момчиња ќе ѝ донесат многу радости против најсилните светски ракометни нации.