Политологот Филип Манов ја оцени како „економско-стратешки чекор“ одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел пред три години да дозволи влез на бегалците во земјата, при што главната причина, според него, била да ја спаси Грција.
Во својот напис како гостин на страниците на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ Манов констатира дека отворањето на границата за илјадниците бегалци заглавени на железничката станица во Будимпешта на 4 септември 2015 година било „речиси неизбежно“ за Меркел, со оглед на „значителното искористување на политичкиот и на реалниот капитал до јули 2015 година преку сите ризици што ги носеа договорите со Грција“.
Поедноставено, ако таа не им дозволеше на бегалците да го продолжат своето патување, Грција ќе беше уништена од зголемениот број баратели на азил, па спасувањето на земјата од германската канцеларка ќе пропаднеше, и покрај инвестираните милијарди, смета политологот. Државата со огромни финансиски проблеми би била оставена сама преку потенцијалниот „домино ефект на затворањето на границите“ од Унгарија, преку Србија, Косово и Бугарија до Македонија.
„Во хаосот во кој ќе западнеше земјата немаше да морате да размислувате за барањата на Тројката или за точното извршување на обврските од кредитите“, објаснува професорот по политички науки на универзитет во Констанц.
Според Манов, одлуката на канцеларката не беше афективна реакција и многу помалку емотивна отколку што многумина набљудувачи ја толкуваат. Наместо тоа, лидерката на ЦДУ се обиде да спречи „еврокризата на периферијата да падне во втор план, а бегалската криза повторно да биде во центарот“.
Германскиот политолог ја смета за „целосен кич“ идејата за „Мајка Тереза момент“ кај Меркел, која можеби ја сугерираа селфи-фотографиите со бегалците од Сирија.