Медиумите на германски наведуваат дека значително се зголемени шансите на републиканскиот кандидат Доналд Трамп да победи на претседателските избори по вчерашниот атентат во кој тој помина само со прострелна рана во деното уво.

„Престрелките дополнително ќе ја вртат спиралата на омраза во САД“, оценува Дојче веле.

„Тоа е слика која отсега ќе доминира во претседателската кампања. А можеби и ќе одлучи за тоа“, пишува германскиот неделник „Ди Цајт“ во коментар со наслов: „Кошмар“.

„Обидот за убиство на Доналд Трамп дополнително ја продлабочува и онака загреаната атмосфера во земјата.

Републиканците веќе жестоко ги обвинуваат демократите“, пишува весникот само неколку часа по пукањето во Пенсилванија кога Трамп беше ранет во увото, а напаѓачот беше убиен.

Медиумската мрежа RND во првиот коментар пишува и дека оваа слика на Трамп ќе остане како икона и ќе се користи во кампањата.

„Во нормални времиња, ова може да биде повод за една нација да размислува, да ги остави политичките спорови настрана и да се обедини. Но, во отруената клима на поларизираното американско општество, се чини дека лудата спирала на омраза само ќе продолжи да се врти“, се наведува во коментарот.

Цитирани се бројни републикански политичари кои веќе директно ги обвинија Џо Бајден и демократите за атентатот.

И виенскиот весник Die Presse објавува сличен коментар под наслов: „Доналд Трамп во улога на маченик – неговата победа тешко може да се спречи“.

Опишана е истата сцена која „сугерира непобедливост на Доналд Трамп и дека тој е способен да ги надмине сите пречки и да преживее атентати“.

„Динамиката уште еднаш нагло се менува во корист на републиканскиот кандидат непосредно пред партиската конвенција во Милвоки следната недела, каде што поранешниот претседател ќе се претстави во стил како маченик и победник.