Гаши: Палењето и газењето државни знамиња е закана за соживотот во Македонија

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, остро ги осуди инцидентите со државните знамиња, опишувајќи ги како постапки кои ги нарушуваат државните и националните интереси. На 28 ноември, за време на прославата на Денот на независноста на Албанија, македонското знаме беше искинато, што предизвика голема реакција од јавноста и институциите.

Гаши повика на истрага за мотивите и одговорноста на сторителите, нагласувајќи дека почитувањето на сите симболи е од суштинска важност за стабилноста.

„Палењето и газењето знамиња не е патриотизам. Патриотизмот значи почитување на своето и на туѓото знаме,“ изјави Гаши, поттикнувајќи ги граѓаните да се однесуваат со воздржаност и конструктивност.

Тој предупреди дека ваквите постапки само дополнително ја зголемуваат тензијата и го загрозуваат меѓуетничкиот соживот, кој е клучен за иднината на државата.