Гаши: Албанците ќе бидат народ, кој ќе раководи и ќе предводи на патот кон ЕУ во иднина

„Целта на Албанците беше отсекогаш да постои национална рамноправност во оваа држава, но не се промени ништо суштински и треба да се отвори повторно прашањето на националната и уставна рамноправност во иднина.“ – изјави Африм Гаши, претседателот на Собранието на Република Македонија во поткастот – видео-платформата „Паблик сквер“ на авторот Дитмир Бушати, која се емитува постојано на јутуб. Дитмир Бушати е албански политичар и поранешен министер за надворешни работи на Албанија од 2013 до 2019 година. „Експрес“ пренесува две покарактеристични искажувања на Африм Гаши во одговорите на прашањата на Дитмир Бушати.

Бушати: Кои се вашите настојувања да обезбедите натамошна уставна рамноправност меѓу двете главни државотворни заедници во * Македонија, во поглед и на мајчиниот албански јазик, како и намалување на разликите околу развојните проекти?

Гаши: Уставот од 1991 година, со кој беше прогласена независноста на Македонија, беше во тоа време премногу мајоризирачки и дискриминаторски кон Албанците. Требаше да се случи судирот во 2001-та година, оружената војна на Албанците за уставна рамноправност, но Охридскиот договор не ја санкционира рамноправноста. Македонија требаше да биде држава на сите граѓани, но повторно беше одлучено македонскиот народ да биде носител на суверенитетот. Целта на Албанците беше отсекогаш да постои рамноправност во оваа држава и јас мислам дека треба да се отвори повторно прашањето на уставната рамноправноство иднина и да ги убедиме и нашите македонски партнери, од позицијата и опозицијата, и сите субјекти дека употребата на албанскиот јазик, рамноправноста во земјата не му нанесуваат никому штета, туку оти е тоа за доброто на сите Албанци. Што се однесува до законот за официјалните јазици и за употребата на албанскиот јазик не се промени ништо на суштински начин, ниту во врска со јазикот, ниту во врска со националната рамноправност.

Бушати: Како народ, вклучувајќи ги и Албанците во дијаспората, што ќе биде со нив во следните 30, 50 години?

Гаши: Јас ги гледам Албанците како народ кој раководи, кој предводи на патот кон Брисел, a не како оној народ, што беше забиен во минатото и кој се обидуваше да преживее, радувајќи се на преживувањето. Во политиката со политичари со високи вредности можеме да бидеме многу витален народ, конструктивен и мирољубив, кој може да биде во функција на градење на мирот, стабилноста и развојот на регионот и на Европа.