Гасоводот “Турски поток” го променил правецот и наместо низ Грција, ќе поминува низ Бугарија.
Планирано е тој да стигне до Бугарија преку копнената граница со Турција и од таму ќе продолжи за Романија, Унгарија и Австрија, објави турскиот весник „Хабертурк, како што пренесува бугарската агенција БТА.
Под наслов „Турскиот тек го менува правецот”, во написот се наведува дека е извршена „изненадувачка промена во претходно поставената рута. Според оваа промена, гасоводот нема да влегува во Грција, туку од Турција директно ќе влезе во Бугарија и оттаму ќе продолжува за Европа” .
Промената во маршрутата на проектот била разгледана во турското Министерство за енергетика и за тоа била известена Бугарија на највисоко ниво. Бугарија веќе ги започнала подготовките, додава „Хабертурк”.
Од бугарското Министерство, не ја потврдиле оваа информација, пишува БТА, но ниту не го негирале пишувањето на турскиот весник.
Сепак, од Министерството информирале дека Бугарија работи на сите проекти за диверзификација на гас.