Српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќање до нацијата го коментираше илјадитиот ден од почетокот на руската „специјална воена операција“ во Украина и употребата на американските ракети „атакамс“ за гаѓање цели на територијата на Русија по наводното одобрение од шефот на американската држава во заминување Џо Бајден.
„Имате десет скалила до целосна катастрофа, а ние поминавме 9. Денеска регионот на Брјанск беше цел на американски ракети, а гаѓањето на руските складишта за муниција ќе продолжи. Одговорот ќе биде понатамошно гаѓање енергетски објекти и мостови на реката Днепар, а секој следен чекор нè води до сеопфатен нуклеарен конфликт. Малкумина го познаваат претседателот Путин како мене. Оној што мисли дека Путин се заканува, а всушност се плаши, тој никогаш во животот не го видел претседателот Путин. Ако безбедноста на Москва и на неговите сили е загрозена, ако нема излез, однапред ви велам – тој нема да се двоуми ниту еден час и ќе употреби нуклеарно оружје! Ние сме целосно неподготвени. Имаме место за 257.000 луѓе во засолништа и ќе треба да разговараме со луѓе кои имаат теретани, перални, продавници и да стигнеме до бројка од барем милион – милион и пол. Кој и да е во околината да биде цел, исто ни се пишува како да сме ние“, изјави Вучиќ.