Будењето на природата во пролетта, покрај сета раскош и убавина, со себе носи и состојби кои директно или индиректно, видливо или невидливо предизвикуваат низа здравствени тегоби и специфични реакции на организмот. Несомнено е дека алергиите се сè почеста терминологија присутна во здравствениот вокабулар токму во овој период од годината. Затнат нос, јадеж, црвенило, течење од носот и кивање се најчестите видливи симптоми, и директна манифестација и одговор на имунолошкиот систем на различните фактори од околината наречени „алергени“.

Попис на фактори
Како главен предизвикувач и најчест фактор на алергиските реакции е поленот кој се ослободува од дрвјата што рано цветат, поленот од бреза, јасен и бука. Симпатологијата е поизразена во периоди на суви и ветровити денови кога постојат услови овој алерген лесно да се дистрибуира до нашите сетила. Оддишка и ослободување од алергиската манифестација може да се очекува во дождливи и влажни денови.

Јасни знаци на алергија на полен
Симптомите на алергијата на полен може да се менуваат и да имаат различен интензитет, што е зависно од количината на директно присутниот алерген. Типичната слика на алергиска реакција вклучува:
-затнат нос и отежнато дишење
-течење од носот
-кивање
-чешање и солзење на очите
Покрај овие видливи и јасно изразени знаци на алергиска реакција, кај некои лица симптомите се продолжени во форма на летаргија, незадоволство, намалена концентрација и проблеми со спиењето.
Не се исклучени и компликации и развој на алергиска астма.

Природна аптека
Тежината на симптомите неретко може значително да го намали квалитетот на животот. Токму поради ова, превенцијата и употребата на храната, и богатството од лековити билки во голема мера можат да влијаат во подобрување на општата слика.

Внесување здрава и избалансирана храна, во прв ред свежо овошје и зеленчук, по правило, можат да помогнат во подобрување на состојбата. Консумирање јаткасти плодови и храна богата со антиоксиданси ќе помогне во битката за намалување на воспалителни реакции и тоа е значаен фактор во контрола на алергијата. Храна богата со масни киселини, како риба, јајца и ореви, ќе има дополнителен позитивен ефект.