Врвот на нашата најуспешна фармацевтска компанија „Алкалоид“ купува акции во ова акционерско друштво, а за тоа транспарентно ја известува инвеститорската заедница преку Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
Кога членови на Управен одбор, но и другите раководни структури купуваат акции во таа компанија, тоа значи дека тие веруваат во бизнисот и во перспективите на компанијата со која управуваат.
Преку берзата компанијата објави дека Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор и генерален директор на Алкалоид, се стекнал со 469 обични акции издадени од компанијата, со што поседува вкупно 130.500 или 9,12 отсто од вкупниот број акции во тоа акционерско друштво.
Исто така, членот на Управниот Одбор, Ѓорѓи Јованов, се стекнал со 200 обични акции, потоа уште еден член на УО, Ќире Ицев, купил исто толку акции, а со 200 акции на оваа успешна компанија се стекнал и членот на УО, Виктор Стојчевски. Додека, пак, членката на УО Оливера Панева, се стекнала со 100 обични акции издадени од Алкалоид.
Овие членови на УО и претходно имаат купено одредени количини акции на компанијата.
Акцијата на „Алкалоид“ повторно бележи нагорни трендови во последниве денови, по намалувањето кое беше одлика за акциите на сите компании, а како последица на падот на светските берзи.
Вчера акцијата на оваа наша најголема фармацевтска компанија затвори на 26.502 денари, што беше раст за 0,88 отсто во однос на еден ден претходно.
