Во Штип засилено се гради – продадени 270 станови, цената за квадрат до небо

Расте побаравачката за купување на станови во Штип. За една година се продадени станови, чија вредност се проценува на 13 милиони евра. Интерес за купување има и за старите, но и новите градби. Досега се продадени 270 станови низ населбите и централното градско подрачје, покажуваат податоците на Општина Штип.

Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип вели дека 270 станови кои се продадени, од нив 135 се нови станови и според договорите цената на новите станови се движи од 800 евра за метар квадратен, а  највисоката достигнува и од 1380 евра за метар квадратен. По сите основи, од сите имоти, од данок на промет општината има инкасирано 1 250 000 евра.

За разлика од претходните години кога станови купуваа и граѓани од Турција, годинава во главно се работи за домашни инвеститори, поточно, локални купувачи. Во моментот во градба се околу 200 станови, кои догодина треба да се евидентираат во даночното одделение.

Лазар Хаџи Николов раководител на Секторот за урбанизам во Општина Штип, вели за изградба на куќи, општината на јавна лицитација продаде десет градежни парцели во приградската населба Три Чешми.

  • Бидејќи се покажа дека граѓаните, јавноста, има интерес да инвестираат во овој дел од градот, ние како Општина, веќе и во самата Програма за отуѓување на градежно земјиште имаме предвидено отуѓување и на други градежни парцели за оваа намена кои се наоѓаат во истиот плански опфат, изјави Хаџи-Николов.

Втора локација на која граѓаните ќе можат да градат куќи за индивидуално домување е помеѓу населбите Сењак и Баби.

  • Во Програмата за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2025 година, која е веќе донесена од страна на Советот на општината, се предвидени вкупно 44 изработки на плански решенија, рече Хаџи-Николов.

Тој посочи дека дел од нив се финасирани од страна на заинтересирани приватни инвеститори, а остатокот од буџетот на општината. Поради големиот интерес за инвестирање во недвижности во Штип, во 2025 година ќе се работи 44 плански документации, финансирани од приватни инвеститори, но и од самата Општина. Со изградбата на линија два градот ќе се шири од населбите Пребег и Железничка до бањата Кежовица и Ново Село.