Во Украина соборен Ф-16, загина 26-годишниот пилот

Павло Иванов, 26-годишен воен пилот на украински борбен авион Ф-16, загина при извршување на борбена мисија на 12 април, соопшти денеска украинското воздухопловство.

„Украинските борбени пилоти Ф-16 извршуваат борбени мисии во различни насоки и во неверојатно тешки услови речиси секој ден. Тие обезбедуваат воздушна поддршка на копнените сили и гаѓаат непријателски цели. Украинските пилоти работат до максимумот на човечките и на техничките способности, ризикувајќи ги своите животи во секоја борбена мисија. Павло беше еден од нив“, се вели во извештајот на украинската авијација.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски добил извештаи од војската за смртта на капетанот Павло Иванов, а сите детални околности за смртта на украинскиот пилот на Ф-16 ги утврдува државната меѓуресорска комисија.

„Ние сме горди на нашите воини. Ќе одговориме силно и прецизно“, рече Зеленски.

На ловецот беа истрелани три противвоздушни проектили, тврди рускиот пилот Воевода.

На интернет се појави и фотографија од починатиот пилот, кој претходно управуваше со Су-25, по што беше на преквалификација за Ф-16.

Украински извори сметаат дека Ф-16 можел да биде соборен во борба со руски ловец.

„Прелиминарно, станува збор за ракета Р-37“, се вели во извештајот на украинските аналитичари.

Р-37 (во класификацијата на НАТО се води како АА-13 „Стрела“) е советско-руска ракета воздух-воздух со долг дострел (300 км), наведувана ракета воздух-воздух со најдолг дострел во светот, која може да се користи од ловците пресретнувачи МиГ-31БМ.

Р-37М, пак, може да се користи од Су-35 и Су-57.

Ова е втора официјално потврдена загуба на Ф-16 од украинската армија по таа во август минатата година, кога загина пилотот Олексиј Мес.