Во Србија започнува дел од „Патот на свилата“, Македонија чека

Во ноември започнуваат работите на железничката линија Белград – Будимпешта која што ќе ја градат кинески компании и која што патувањето од главниот град на Србија до главниот град на Унгарија ќе го намали од 8 на 3 часа.

Српската министерка за градежништво и транспорт Зорана Михајловиќ најави дека се постигнати сите договори за изградба на 350 километри долгата железница која што е дел од кинескиот проект „Патот на свилата“ кој од пристаништетот Пиреја во Атина преку Македонија треба да дојде во Србија и понатаму кон ЕУ.

Вкупната цена на проектот е над 2,5 милијарди евра а тој досега беше блокиран поради тоа што Европската Комисија истражуваше дали во него се повредени правилата на набавки на ЕУ и тоа во делот на Унгарија која што е членка на унијата.

Истрагата на Брисел не е пречка за Србија и Кина кои што не се членки на ЕУ да го започнат првиот дел од пругата меѓу Белград и Стара Пазова а кога ЕУ ќе заврши со истрагата се очекува проектот да продолжи до Будимпешта.

„Очекувам работите да започнат во ноември кога ќе се одржи следниот самит на Кина и 16 земји од централна и источна Европа во Будимпешта. Според разговорите меѓу кинескиот и српскиот претседател очекуваме целата секција да биде готова за 30 месеци“, изјавила српската министерка.

Околу 184 километри од пругата долга 350 километри се на српска територија а сегашната пруга е изградена во 19 век. Возовите на оваа делница ќе возат со максимална брзина од 200 километри на час.

Проектот е финансиран од  Ексим – Импорт Банката на Кина а ќе биде граден од кинески конзорциум, пишуваат кинеските медиуми.

Железницата е дел од големиот кинески проект кој треба да ја зајакне економската интеграција меѓу Азија, Европа и Кина преку големи инвестиции во пристаништа, железнички пруги и други патни инфраструктури.

Проектот е дел од „Земја – Море експресната рута“ кој што оди од пристаништето Пиреја кое е во сопственост на кинеска компанија преку Македонија и Унгарија. Со него кинеските стоки побрзо и поефтино ќе пристигнуваат на европските пазари.

„Следна задача ќе биде реконструкција и модернизација на пругата од Белград до Јужна Србија кон Македонија и Грција со цел да се добие најбрза конекција меѓу Пиреја, Белград и западна Европа“, вели српската министерка според која соработката со Кина нема да го загрози патот на Србија кон ЕУ.

Македонските власти досега не направија конкретни чекори за проектот кој што може значително да ја подобри позицијата на Македонија на светската транспортна мапа.

Според последните најави од Трст, ЕУ е подготвена да помогне во финансирањето на коридорот 8 кој што води од Софија преку Скопје до Тирана но не и во проектите на кинеската влада кои што се движат од југ кон север односно кон централна и западна Европа.