Првите 100 дена од работата на новата Влада не беа лесни, но, беа клучен период во кој многу работи станаа јасни – каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму. Но, најважно покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас. За 100 дена реализиравме, донесовме или отпочнавме над 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, на прес-конференција за одбележување на 100 дена Влада.
– Колку повеќе знаеме дека состојбата е пооптоварувачка отколку што очекуваме, нашата решителност станува поцврста. Наследивме потрошен годишен буџет за само шест месеци. Држава од која младите се иселуваат, 600.000 кои живеат само со 150 денари на ден и многу други горливи проблеми. Но, тоа само ги засили нашите ангажмани и мотивираност да ги исправиме и да излеземе на правиот пат. Денешната цел е недвосмислена – 100 проценти посветеност кон реализација на проектите и исполнување на ветувањата – рече Мицкоски.
Овие 100 дена, како што кажа, не беа лесни, но се само почеток.
– Следуваат многу повеќе проекти, мерки и реформи за кои ќе работиме со целата наша енергија, со целото наше срце. Следуваат нови инвестиции, ценовни намалувања, но и мерки за младите, и можам да кажам дека даноците ќе се намалат. Во наредните четири недели очекувајте одлука за дополнително намалување на даноците со што ќе станеме држава со најниски даноци во Европа – рече денеска Мицкоски во своето експозе по повод 100 дена Влада.