Од предвидените по систематизација 639 судиски места, во судовите во земјава биле пополнети 61 процент или 391 судиско место.

Но, и од нив, не сите биле активни судии, односно на речиси десет проценти или 36 судии, местата им биле ставени во мирување.

Недостигот на судии по судови не е рамномерен, па така додека 12 судови работеле со помалку од половина од предвидените судии, меѓу кои и ОС Берово и ОС Крушево со ниту едно пополнето судиско место, па во нив претседателот на судот, кој работел и како судија, бил избран од друг суд. Основните судови во Прилеп и Струга работеле со една петтина од потребниот број на судии. Околу 5 проценти или 19 судии биле делегирани во друг суд, пишува Канал 5.

Во просек за решавање на предметите граѓаните чекале од 20 до 200 дена.

Според Извештајот за работата на судовите во 2023 година сите основни судови решиле вкупно 558 336 предмети, со просечна стапка на решени предмети од 96,50 проценти. Просечно за решавање на предметите на судовите им требало по 74,08 денови.

Во просек најмногу време за решавање на предметите му биле потребни на Управен суд – 206,76 дена.

Инаку, според податоците на Евростат во просек, во периодот 2019-21 година во Европа имало по 18 професионални судии на 100 илјади жители, од кои процентуално 58,5 биле жени.

Сепак, податоците покажуваат големи разлики меѓу земјите. Така, најголем број на професионални судии на 100 илјади жители има Словенија (42,3), потоа следат Хрватска (41,6), Луксембург и Романија (по 35,7), додека дури шест земји членки на ЕУ имале под десет професионални судии на 100 илјади жители – Малта, Шведска, Чешка, Шпанија, Австрија и Ирска.