Во Грција лути на Орбан за користењето на придавката „македонска“

Објавата на Икс од унгарскиот премиер Виктор Орбан за средбата со својот македонски колега Христијан Мицкоски не помина незабележано во грчките медиуми, кои му забележуваат на претседателот на Владата во Будимпешта за користењето на придавката „македонска“, иако тој ја именува Македонија со географската додавка.

„Утрово ја почнавме втората унгарско-македонска меѓувладина седница со премиерот Мицкоски. Ние не можеме да ги заштитиме народите на Европа од илегална миграција без поддршка од земјите од Западен Балкан. Северна Македонија е еден од нашите најважни партнери во овој поглед. Ви благодариме за поддршката, премиере!“, напиша Орбан на социјалната мрежа порано позната како Твитер.

За да го поправат „грешникот“, медиумите кај јужниот сосед пишуваат дека „унгарскиот премиер, кој е обожавател на Владимир Путин и Доналд Трамп, се сретна со северномакедонскиот премиер“, користејќи непостоечка придавка и според Преспанскиот договор за државната функција на Мицкоски.