Александар „Велики“ Волкановски влезе во историјата на ултимејтфајтот како прв што си ја вратил светската шампионска титула во перолесна категорија откако наполнил 35 години, за што од првиот ред до октагонот во Мајами му аплаудираше американскиот претседател Доналд Трамп.
Австралискиот воин со македонско потекло ја доби борбата со Диего Лопес, Бразилец што живее во Мексико, со едногласна одлука на судиите, кои гласаа со 48:47, 49:46 и 49:46 во корист на новиот првак по заминувањето на бранителот на титулата Илија Топурија од Грузија во повисока тежинска категорија.
За Волкановски, чиј татко Тоде е од битолското село Беранци, ова беше слатка одмазда за злите јазици, кои веќе го пензионираа по тешките порази во двата последни меча против Топурија и Русинот Ислам Махачев, и тоа со нокаут.
Популарниот Волк не само што не ги закачи ракавиците на клин, туку и стигна до својата 27. победа во 31. меч во професионалната УФЦ-кариера.
„Прекрасно е чувството да си ја вратиш титулата. Еден ден за тоа ќе се пишуваат книги и ќе се снимаат филмови“, самоуверено порача 36-годишниот победник од Волнгонг во интервјуто по мечот што покрај Трамп го следеа и државниот секретар Марко Рубио, секретарот за здравство и човечки услуги Роберт Кенеди Џуниор, шефот на Департментот за ефикасно владеење (ДОГЕ), Илон Маск, директорот на ФБИ, Кеш Пател и директорката на националното разузнавање Тулси Габард, водителот на подкаст Џо Роган и промоторот и личен пријател на претседателот на САД, Дејна Вајт.
