Со скандирање „сакаме воздух” и „што ни дишат децата” скопјани протестираа барајќи од властите сериозни мерки против загадувањето. Протестот почна пред Министерството за животна средина, продолжи пред Собранието и Владата. Учесниците на протестот кажаа дека властите се менуваат, но никој ништо не презема против загадувањето.
Како најново, Скопје и постојано е на убедливо прво место на листата на најзагадени градови во Европа, според податоците на специјализираната страна за мерење на квалитетот на воздухот IQAir. Додека пак, на светско ниво најзагадени градови се Ханој, Дака, Калкута, Ташкент, Техеран.
Протестниот марш против загадениот воздух тргна од Министерството за животна средина, каде пред насобраните граѓани најпрво се обрати Горјан Јовановски, еко-активист и советник на иницијативата Зелен Хуман Град.
Тој им се заблагодари на луѓето што дошле тука, што издвоиле половина час од работното време, или решиле дека протестот е поважен од кафето или ручекот.
- „Едно од девет деца годишно го губи животот поради аерозагадувањето. Така што, ако ова не е голем проблем, јас навистина не знам што е. Ова не е исклучиво скопски проблем, овој проблем го имаме и во Охрид, Битола, Струмица, Куманово, Тетово, насекаде. Тоа значи, ние бараме конкретна државна стратегија“, нагласи тој пред присутните.
Маршот потоа се движеше по мостот „Слобода“, покрај Вардар, ГТЦ, по коловозот на „Филип Втори Македонски“, па сѐдо Собранието. Таму повторно говор, повторно пораки за политичарите, овој пат за оние што седат во парламентарните столчиња.
- „Оние што седат во фотелјите често сакаат да кажат ‘загадувањето не се решава преку ноќ’. Првата мерна станица ‘Скопје дише’ на улицата ‘Македонија’ беше поставена пред 14 години. Оттогаш помина не една ноќ, туку над 5.100 ноќи! Па, колку ноќи им требаат на овие луѓе?! Тоа не е ноќ, тоа е токсичен мрак што трае повеќе од една деценија, во која многу луѓе испуштија душа, испуштија здив“, рече Јане Димески, еко-активист и советник од иницијативата Шанса за Центар.
Исто така, посочи тој, многу премиери, министри и градоначалници ја имаат фразата „немаме магично стапче да го решиме загадувањето“. Учесниците на протестот рекоа дека сите истражувања и мерки кои се направени досега за загадениот воздух се со странски пари, а државата нема намера да издвои средства за овој проблем.