Ексклузивно: Возачот на 2-ка на состанок кај директорот на ЈСП, дознава „Експрес“

Додека се чека разврската за тоа кој беше виновен што автобус се заби во жардиниера кај „Мавровка“, статистиките се покажуваат погубни. Паралелно, Возачот на 2-ка, кој со автобусот се качи на жардинера, денеска беше повикан на состанок кај директорот на ЈСП Драги Кушовски, дознава „Експрес“, од сигурни извори од Јавното претпријатие. Зошто е повикан возачот, кој на состанокот беше придружуван со помлад колега од ЈСП, за сега не се знае.

Паралелно, МВР вчера откри два автобуси кои возеле во неисправна состојба, а во последните три месеци возилата на ЈСП имале дури 49 сообраќајки, според извештај на јавното претпријатие. Од 49-те сообраќајки за последните три месеци, според ЈСП, 9 незгоди е вина на возачите, а 19 на учесниците во сообраќајот. Но, во најголем дел од случаите извештајот вели вели дека не е утврдена вината.

Вкупно 10 лица биле повредени во овие 49 сообраќајки. Но, исто така имало и 149 инциденти во кои најчесто биле оштетувани автобусите. Имало и физички напади врз возачи, открива извештајот. Според извештајот, од јануари до март, извршени се два генерални ремонти и еден полуремонт.

Медиумите ги коментираат солзите на возачот кој удри во жардиниера велејќи дека никој не ги поправа автобусите како причина за почеток на една сериозна дебата за тоа колку е безбеден јавниот превоз во Скопје.

Во меѓувреме, партиите и град Скопје меѓусебно се обвинуваат за хаосот. Конкретно во случајот со жардиниерата, директорот на ЈСП Драги Кушовски ги нарече паушални изјавите на директорот на Конфедерацијата на синдикални организации дека автобусот возел и покрај неколку предупредувања дека тој е неисправен. Кушовски во вторникот изјави дека треба да се почека извештајот на МВР.

Директорот на КСОМ, пак, ја обвини градоначалничката Данела Арсовска и, како што вели, нејзиниот однос кон јавните претпријатија.