Манастирот Свети Леонтиј, познат и како Водочки манастир, е македонски средновековен православен христијански манастир и археолошко наоѓалиште кое се наоѓа во селото Водоча близу Струмица. Во манастирот се наоѓа седиштето, односно резиденцијата на владиката на Струмичката епархија, митрополитот г. Наум, а во него живее и женско монашко сестринство.

Комплексот цркви Св. Леонтиј се наоѓа во село Водоча на оддалеченост од 4 километри од Струмица, На локалитетот се сочувани три цркви (источна, западна и средна) со три фази на живописување во ентериерите, архитектонски остатоци, придружни објекти и манастирски комплекс, трпезарија, стопански објекти, две бањи и повеќеслојна христијанска некропола од 7 век до 9 век. Подоцна е подигната источната, трикорабна куполна црква која била епископска. Оваа црква била оштетена во Самоиловиот период, а подоцна е повторно обновена. Како епископска се споменува во 1018. година во повелбите на Василиј II по пропаста на Самоиловата држава. Денес од неа се зачувани олтарната апсида проскомидијата и ѓакониконот. Првобитниот иконостас бил мермерен а подот од мермерни плочи. Рушењето на оваа црква е поврзано со пропаста на Самоиловата држава и паѓањето на Струмица под византиска власт 1018. година.

Живописувањето на ентериерот на водочкиот комплекс цркви се одвивал во три временски периоди во X, XI и XII бек. Иако сочуван фрагментарно поседува високи ликовни квалитети, а во сликарскиот израз се присутни влијанија од античката ликовна традиција и отпори кон влијанија од современите византиски стилско ликовни струења од Цариград и Солун, и желба за раскинување со византиските сликарски принципи. Античкото сликарско влијание е застапено во еден мал фрагмент од половичен неиндитификуван лик од светител од X век, кој припаѓал на најстарата источна црква за чија што моделација на инкарнатот се користени широки намази на пигментите и акцентирање на експресија на очите и драматизмот.