Српските разузнавачки служби имаат информации за ризик од тензии меѓу Македонија и Србија во кои што „би биле инволвирани Албанци“.
Како што пишува белградскиот весник „Вечерни новости“ во сценариото се инволвирани „дел од македонските власти“, но за тоа не дава никакви докази.
Според весникот информациите на разузнавачите велат дека „планот е добро вооружена група на Албанци да се инфилтрира во граничната зона меѓу Србија и Македонија., Наводно Албанците, за кои не се прецизира дали се од Косово, Албанија или Македонија, требало да бидат облечени во униформи на српската полиција или војска.
Оперативни сознанија на српските служби велат дека целта на групата е да влезе на македонска територија и да изведе извидувачки активности по што би биле снимени. Со тоа веднаш по емитување на снимката би можело да се обвини Србија за нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија. Според сценариото планот на извршителите и организаторите бил да се обвини Србија за територијални претензии и обид за расцепување на македонската територија.
Според вториот дел од планот кој што го објавува српскиот весник треба да се случи наместена шпионска афера која би започнала со спектакуларно апсење на „имагинарна српска мрежа на агенти“ во Македонија.
Во оваа акција требало да бидат уапсени екс членови на службата за државна безбедност и Српската разузнавачка агенција (БИА) кои што живеат во Македонија и кои што се во тешка финансиска состојба.
Целта на сите овие акции е да се создаде конфузија и тензија која што би можела да се прелее во Косово, велат изворите на српскиот медиум кои тврдат дека за нив членови на македонскиот државен врв се информирани од страна на српски оперативци во Македонија.
Ова сценарио пишува Новости фрла сенка на неодманешните изјави на македонскиот премиер Зоран Заев кој рече дека со српскиот претседател Вучиќ ги затворил сите отворени прашања меѓу двете земји.
Весникот тврди дека овие сценарија индицираат дека најавите за добри односи се само илузија затоа што властите во Скопје имаат интерес за отворање на нов пакет обвинувања на сметка на Србија. Позади ваквиот пристап стои албанскиот притисок на владата во Скопје со цел подобрување на позицијата на Косово во преговорите за признавање на статусот на екс српската покраина.
Српските медиуми во последниве неколку месеци постојано објавуваат информации добиени од безбедносните служби со кои растат тензиите во Македонија. Досега ниту една ваква информација не беше потврдена со било каков аргумент или доказ.