“На непријателите им треба поделен ВМРО ДПМНЕ, нo нашата битка не завршува овде, туку допрва почнува”, порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ при говорот за време на прославата на 27 години од формирањето на партијата и 124 години од основањето на историското ВМРО.
Манифестацијата со наслов Единствени со која се одбележуваа годишнини од двата настана се одржа пред Музејот на народната борба во Скопје, а освен граѓаните и членовите на партијата не беа забележани гости од дипломатскиот кор или странските амбасади во Република Македонија.
Главнината на говорот на Никола Груевски во голем дел се однесуваше на постигнувањата на партијата во периодот додека таа беше на власт, но неодминливо тој се осврна и на сегашната постава на Илинденска односно нејзините идеи и не пропушти да се закани.
“Наумиле нов план да го ослабнат ВМРО ДПМНЕ пред локалните избори и партиски да завладеат со судството и медиумите, судството да ги гони нашите челници. Тргнаа на ѓон и еден ден не така далеку од сега, ќе завршат на ѓон” рече Груевски пред активистите и гостите.
Од друга страна тој упати порака до раководството на СДСМ во која вели дека може да сметаат на нив за важни прашања.
“Посакуваме брз прием во НАТО, ако има чисто и недвосмислено прашање и за влез во ЕУ. Но, ВМРО ДМПНЕ ќе спречи лоши решенија и злоупотреби, партизација на интситуциите, нестручност или алчност”, рече Груевски пред неколкуте илјади насобрани пред Музејот на народната борба во Скопје.