ВМРО-ДПМНЕ нема донесено одлука за излегување од Собрание, но и нема да учествува на денешната конститутивна седница на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). За вечерва во 18 часот, пак, партијата најави протест пред Министерството за правда, а од 15 до 17 ч. ќе ги блокира крстосниците кај „Мавровка“, кај „Порта Влае“, кај „Рампа“ во Кисела Вода, како и таа меѓу булеварите „Јане Сандански“ и „Србија“ во населбата Ново Лисиче.
„Немаме таква одлука“, одговори лидерот Никола Груевски на прашањето дали неговата партија ќе ги напушти собраниските клупи по вчерашното масовно апсење за настаните од 27 април.
По денешното рочиште за случајот „Шлаканици“ во Општина Центар, Груевски не сакаше да ја коментира средбата со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Зоран Заев ноќеска во претседателската вила на Водно.
„Немам некакви детали за средбата. Претседателот Иванов во обид да ги смири тензиите во општеството што се создадоа по политичките хајки, нè повика на разговор“, кусо прокоментира претседателот на партијата со најмногу пратеници во Собранието.
Во врска со ЗЕЛС, пак, ВМРО-ДПМНЕ својот бојкот на конститутивната седница го образложи со „недемократското однесување на власта и селективниот пристап при примената на правдата во Република Македонија“.
„На удар е слободномислечкиот Македонец, СДС се пресметува со сите оние кои се грижат и на кои Македонија им е значајна. Во 21. век имаме брутален политички прогон. Македонија е единственото место во светот каде оперски пејач, режисер, актер, архитект, доктор, и други десетици патриоти треба да одговараат за измислено дело тероризам. Целата оваа хајка е обид да се замолкне опозицијата и да се скрши отпорот против сите антидржавни политики, кои власта ги реализираше во изминатиов период. Во ист момент кога се изготвува закон за ослободување на над 1.000 затвореници, сторители на тешки кривични дела, кога се најавува ослободување на убијците од Смилковско езеро и кога убијци се шетаат слободни по улиците, власта обвинува за наводен тероризам, уметници, режисери, актери, архитекти и лекари“, соопшти партијата во повикот за нов протест денеска.