Владиката Наум побара од Бугарска православна црква (БПЦ) да ја признае автокефалноста на Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и на тој начин, според него, ќе ѝ стане црква-мајка.
„Сметаме дека автокефалноста на МПЦ-ОА не е призната од политички причини. БПЦ има шанса со самото признавање на МПЦ-ОА да стане мајка на МПЦ-ОА. Тоа е ретка историска шанса, која БПЦ не треба да ја пропушти“, изјави митрополитот струмички за приватната бугарска телевизија БТВ.
Во интервјуто направено во Струмица тој нагласи дека Македонија и Бугарија имаат заедничка религиозна историја.
„Ние сме биле дел од Бугарска Егзархија. Луѓето тогаш (кон крајот на 19. век и во почетокот на 20. век) биле разделени меѓу Егзархијата и Цариградска патријаршија, но повеќето биле егзархисти“, изјави владиката Наум.
Тој го оцени и како многу значаен за црковниот дијалог договорот за добрососедство што го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, истовремено изразувајќи жалење што архиереите не го следеле примерот на политичарите.
„Црковните лица требаше да бидат пред политичарите“, смета митрополитот на Струмичката епархија на МПЦ-ОА.