Владата ќе прифати зголемување на минималната плата ако за тоа се договорат работодавачите и работниците

Владата ќе прифати сè што меѓусебе ќе го договорат работодавачите и работниците, рече попладнево премиерот Христијан Мицкоски во однос на прашањето за зголемување на минималецот

-Се уште трае седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС) и таму има два партнера, работодавачите и работниците. Тие треба да се усогласат околу параметрите, меѓу кои е и минималната плата. Владата е во поразлична позиција. Од аспект на централниот Буџет, колку е поголема минималната плата, толку поголеми приходи ќе има во Буџетот, но ние не сакаме да се мешаме. Ќе ги оставиме двете страни да се усогласат, што можат едните, а што другите да прифатат, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Во буџетот за следната година се предвидени пари за усогласувања на платите, но премиерот Мицкоски вели дека доколку денес се донесе одлука за зголемување на минималната плата, средства ќе се обезбедат преку ребаланс на буџетот.

„Во буџетот се предвидени усогласувањата, но секогаш има ребаланс на буџетот така што од страна на Владата не е проблем. Ние ќе имаме приходи. Зголемувањето на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите, тие ќе треба повеќе да уплатат во буџетот. Да речеме ако минималната плата била 100 парички, 40 проценти од тоа, по разни основи, влегува во Буџетот. Ако биде 120, 40 проценти од 120 ќе влегуваат во Буџетот. Државата профитира од тоа. Проблемот е кај работодавачите, дали тие како економија можат тоа да си го дозволат, дали можат да го направат и дали можеби потоа ќе има други трикови како пола-пола, еве ти вака па ти пола на рака, тоа е веќе друга тема“, појасни премиерот Мицкоски.