Откако минатата недела во Брисел премиерот Заев не доби некаква форма на претпристапен дијалог како на пример таканаречениот ХЛАД (пристапен дијалог на високо ниво) од пред 4 години ниту „бенчмаркови“ македонската влада сама подготвува предлог агенда со мерките и активностите кои треба да се преземат во контекст на евроинтеграциите.
Овие мерки треба да му бидат предложени на еврокомесарот Јоханес Хан и на европскиот претставник Рајнхаред Прибе кои што наскоро ќе пристигнат во Скопје.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи пред денешната тематска седница на Владата посветена на процесот на евроинтеграциите, изјави дека целта е да се потврди силната волја за спроведување на реформите и да се искористи позитивната клима што се создаде, како што рече, по формирањето на новата Влада на релациите меѓу Македонија и Европската унија.
Владината агенда има и регионална димензија со оглед дека три држави од регионот наскоро ќе претседаваат со Европската унија почнувајќи од Бугарија, потоа Австрија и Романија.
– Ние се обврзавме дека агресивно ќе ги адресираме идните реформски приоритети. Гледаме прозорец на можност да се фатиме на таа енергија, на таа позитивна клима за да можеме да испорачаме што е можно побрзо и да можеме прво да ја тргнеме оваа условена препорака, а по локалните избори да добиеме чиста препорака без услови за евентуално да добиеме шанса за датум за отпочнување преговори, рече Османи.
Тој рече дека Хан ќе присуствува на владина седница, што е вели преседан и укажува на посветеноста на Брисел да ни помогне на патот на евроинтеграциите, а на нас е да испорачаме резултат во конетекст на очекувањата од ЕУ.
Новата европска агенда е дел од работата на „ад хок експертска комисија“ која ја формирала владата а која подготвува акциски план за тоа што може да реализира за да ги исполни очекувањата на меѓународните партнери. Во агендата се превидени рокови и фактори кои што треба да ги исполнат целите.