Физибилити студија нарачана од претходната власт покажала дека паркингот во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да биде менаџиран од приватен оператор, но, ако јавноста вели дека не сака да се потпише договорот, владата нема да го потпише, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски запрашан за тоа дали не е подобро паркингот да го менаџира јавно претпријатие.
Мицкоски рече дека допрва ќе се носи конечна одлука за тоа кој ќе управува со паркингот, но вели нема против јавно претпријатие да управува со него.
– Одлука се носи врз основа на физибилити-студиjа, таа така кажала. Распишан е оглас, се јавила само една компанија. Ништо не е потпишано, ништо не е завршено. Ако јавноста не е задоволна, не значи дека ќе биде потпишан договор. Одлука на Влада нема, ако јавноста вели не сакаме, нема да потпишеме – рече Мицкоски.
Тој смета дека актуелниот сопственик на паркингот – Градски паркинг – Скопје нема капацитет да воведе ред со метежот што се создава со паркирањето.
-Ние сакавме како Влада гужвата да ја организираме. Таму стопанисува Градски паркинг – Скопје, еве тие нека направат ред, ние немаме против, само нека се реши гужвата и тие од Свети Николе кога ќе дојдат да имаат пристојни услови нормално да функционираат. Физибилити студијата од претходната влада самата така вели – рече Мицкоски.
На тендерот за избор на фирма која ќе управува со пaркингот во Клиничкиот центар се јави само една компанија од Албанија која понудила цена од 50 денари на час.