Владата во Атина „на три ума“ околу идното име на Македонија

 

Јоргос Кумуцакос, пратеникот од грчката опозициска партија Неа демократија одговорен за надворешната политика, повторно ја нападна грчката влада дека нема единствен став по прашањето за името на северниот сосед.

Во интервју за државната агенција АПА-МПА тој рекол дека за разлика од владините партнери, неговата партија има јасна позиција по прашањето, пренесуваат бугарски медиуми.

Клучното прашање е каква позиција ќе завземе владата која ја носи одговорноста, рече откако потенцираше дека сегашната влада во Грција била „поделена на три“ околу ова „важно прашање“.

Од едната страна се министерот за финансии Евклидис Цакалотос и министерот за образование Константинос Гавроглу.

Од друга е министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас.

Трето мислење има министерот за одбрана и коалиционен партнер Панос Каменос, кој не крие дека е против делот „Македонија“ да биде вклучена во името на соседната земја, објасни Кумуцакос.

Тој ја истакна потребата грчката влада да изгради заеднички став.

„Земјата не може да преговара со нејасни амбиции”, рече Кумуцакос.

На прашањето дали доаѓа време за решавање на проблемот со името и каков став има неговата партија Кумуцакос рече дека „позицијата на Неа демократија е таа од Букурешт и силниот став на (тогашниот премиер) Костас Караманлис“.