Поголемиот дел од малцинствата во Западна и Северна Европа се во добра ситуација кога државата ги смета за еднакви граѓани и им нуди еднакви права со мнозинството … Во меѓувреме, многу држави во Источна Европа не ги нудат дури и најосновните права за нив. Грција или Бугарија дури и не препознаваат дел од нејзините малцинства (необично тоа исто така важи и за Франција).

Грција сé уште одбива да ги признае етничките малцинства, наместо да презема позитивни мерки, се бори против сите иницијативи во насока на признавање на малцинствата, вклучувајќи ја и онаа од нашата Федералната унија за национални малцинства ФУЕН.

Сепак, ние ќе продолжиме да интервенираме за Турците од Западна Тракија, за Македонците, Помаците, Власите во Грција, вели Винче Лорент, претседател на Федералната унија за европски националности(ФУЕН), Унгарец од Романија и поранешен новинар, во интервју за весникот „Илинден“ –Тирана од Албанија.

ФУЕН е формирана во 1949 година, во Париз, истата година кога и  Советот на Европа. Во раните години во оваа организација, доминираа регионални движења како што се фламанските, бретонските, во Јужен Тирол, но набргу станаа чадор за автохтоните, национални малцинства и етнички групи во Европа. Денес има 95 членови од 35 држави, кои ги застапуваат правата на над 50 милиони малцински европјани и претставува влијателен фактор во донесувањето на правните документи на Советот на Европа како што се Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални или малцински јазици.

„Во Бугарија ситуацијата е поинаква: имаме само една организација-членка, Ароманиан (Власи), додека најголемото етничко малцинство во земјата се Турците.

Ние во ФУЕН имаме политика да дејствуваме во прилог на малцинските групи на барање изразено од нивните организации членки. Лесно е да се каже зошто: претставникот на малцинствата знае што е најдобро за сопствениот народ, како би можеле да се решат нивните проблеми, како треба да им се пристапи на властите.

Доколку предлозите на нашите членови се засноваат на нашите општи политики, ги подигаме тие теми на меѓународно и европско ниво, но исто така и директно со државните или регионалните власти.

Од Бугарија досега немавме такви барања, се сеќавам дека единствената тема беше правото на употреба на мајчиниот јазик во изборната кампања и имавме изјава за поддршка и лобирање во Европскиот парламент“.

На прашањето на „Илинден“ – Тирана за прашањето на македонското малцинство во Албанија, Лорент вели:

„Албанија е млада демократија, демократските институции немаат голема судска пракса, а владеењето на правото сé уште има недостатоци. Би било добро државата да бара најдобри практики во Европа за да најде вистински решенија. Тоа секогаш ќе биде албанско решение, се разбира, но врз основа на работни решенија од странство.

ФУЕН ги претставува интересите на малцинствата и има проширен капацитет на лобирање во европските институции; исто така, има голем број на партнерски институции кои можат да обезбедат дополнителна експертиза.

Сепак, решението може да се обезбеди само во Албанија, па предизвикот би бил да се убедат албанската влада и парламентот да усвојат законска рамка за малцинствата, вклучувајќи ги и правата за употреба на мајчиниот јазик, образованието на јазикот на малцинствата, да обезбедат политичка застапеност на малцинствата во сите одлуки во врска со нив. ФУЕН може да помогне и на македонското друштво “Илинден“-Тирана во текот на овој процес“.