(Видео): Што значи влегувањето на Македонија во СЕПА?!

Можеме ли како држава да одиме напред, што се однесува до електронските плаќања? Единствената област за плаќање во евра со СЕПА, ќе ги забрза и драматично ќе ги поевтини трансакциите кон европските земји и за граѓаните и за фирмите. Во првиот круг, членство во СЕПА очекуваат Македонија, Албанија и Црна Гора. Вкупните заштеди, на ниво на цел Западен Балкан, се проценуваат на околу половина милијарда евра годишно, анализира 360 степени. Кој примал пари од роднини од странство или кој, на пример, уплаќал депозит за летување во ЕУ, знае колку можат да бидат спори и скапи овие трансакции. Земјава сега е на пат таквите плаќања да ги сведе на време од само неколку секунди, со далеку помалку трошоци.

Народната банка во јули поднесе барање да стане членка на СЕПА или со цел назив – Единствената област за плаќање во евра. Адресирано е до Европскиот совет за плаќања, иако механизмот не е дел од институционалната рамка на ЕУ, туку непрофитна асоцијација на банките и други даватели на платежни услуги. Одлуката, сепак, дали една земја ќе биде примена во СЕПА се потпира на исполнувањето на европски регулативи.

  • Самата динамика на пристапување во СЕПА зависи од подготвеноста на земјите и степенот на усогласеност на националната правна рамка со релевантното европско законодавство, за чија оцена беше обезбедена и техничка помош од Светската банка. Македонија, Албанија и Црна Гора од Светската банка во овој процес беа оценети со висок степен на усогласеност на правната рамка и беа првите три од шесте земји од Западен Балкан чии што централни банки во текот на јуни и јули, како што рековте, ги поднесоа апликациите за членство до Европскиот совет за плаќање. Очекувањата според најновите изјави од високи претставници на ЕК се дека трите земји се со голема можност за скорешно пристапување во СЕПА. Најверојатно од почетокот на наредната година“, вели Емилија Нацевска, вицегувернерка на НБРСМ.

Во моментов, меѓународните плаќања се одвиваат преку т.н. кореспондентски сметки на домашните банки кај странските. Процесот е сложен, па трансакциите може да траат и по неколку дена, посочува Антоније Мариноски од Стопанската комора на Северна Македонија.

  • Плаќањата во странство подразбираат документација или давање одреден мандат на банката да плати преку своите кореспондентски релации во друга држава кај банката на нашиот деловен партнер. Обично тоа оди регуларна валута два дена. Имаат сите банки, нашите и европските следствено на тоа нашите ги дизајнираат т.н. ‘кат оф тајм’ или време во кое може да одат со една валута, со друга валута. Додека кај СЕПА, 90 отсто од плаќањата до 100 илјади евра одат во рок од пет секунди, неколку секунди. Значи драматична е во брзина разликата, а исто и од аспект на трошоци“, вели Антоније Матриноски, специјален советник на претседателот на Стопанската комора на Македонија.

Идејата на самата иницијатива за СЕПА во суштина е да се поедностават и да поевтинат прекуграничните плаќања во Европа меѓу различни држави и пазари. Повеќе на 360stepeni.mk.