(Видео): Секој почеток има и крај – Агенцијата за Енергетика заминува во историјата

Се што има почеток има и крај. Агенцијата за енергетика заминува во историјата. Надлежностите, заедно со вработените, опремата и архивата ќе одат во новото министерство за енергетика. Па така, со десет закони од областа на енергетиката кои денеска се на дневен ред на собраниската седница, новото Министерство за енергетика ќе стане оперативно, а ќе се укине Агенцијата за енергетика и управниот одбор на Агенцијата за задолжителни нафтени деривати. 

Надлежностите и вработените од Агенцијата за енергетика ќе преминат во новото Министерство, а надлежноста на управниот одбор на Агенцијата за задолжителни нафтени деривати ќе ги преземат новото Министерство за енергетика и директорот на Агенцијата. 

  • Агенцијата за енергетика нема повеќе да постои. Надлежностите и вработените ќе бидат превземени од Министерството за енергетика, а нема повеќе да има директор и Управен одбор. Во оваа насока, во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви се разрешува постојниот управен одбор и повеќе нема да постои овој орган. Надлежностите на Управниот одбор преминуваат кај Министерството за енергетика и кај директорот на Агенцијата. Накратко, укинуваме два управни одбори, еден директор и една институција, изјави на прес-конференција пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ. 

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат дека опозицијата ќе даде поддршка на предложените законски решенија.

Забелешки имаа пратениците на Левица и СДСМ.

  • Седници на Собранието може да свика само Претседателот на Собранието. Од собранискиот сајт гледам дека Гаши е во Вашингтон, си има средби со странци. Физички е невозможно тој да го потпише Решението за свикување на Седница, што ја прави Седницата нелегална“ вели Сашко Јанчев од Левица.
  • Мислам дека, ако ништо друго, требаше барем со писмо да не удостои, да ја образложи итноста, или можеби на некоја прес конференција од Вашингтон да се јавеше да каже што е тоа итно денеска да се свика седницата“, рече Оливер Спасовски од СДСМ.

Законите треба да поминат на матичните комисии, па потоа и да бидат донесени од страна на Собранието.

Со предложените закони преминуваат кон новото Министерство и надлежностите од областа на енергетиката, рударството и минералните суровини што досега беа во рамки на Министерството за економија.