Онкологија, Торакална и Гинекологија се најголеми должници меѓу скопските клиники. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски алармира за финансиската состојба на Клинички и тврди дека долговите настанале заради несоодветно планирање.
Долгот на јавните здравствени установи изнесува пет милијарди денари и е зголемен за една милијарда денари во првите шест месеци од годинава. Ова денеска го изјави в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, посочувајќи дека долгот настанал од несоодветно финансирање на потребите на соодветни клиники.
- „Најголеми должници се универзитетските клиники за Радиологија и Онкологија, Торакална и васкуларна хирурхија и Гинекологија, а има и неколку болници надвор од Скопје, како Прилеп и Охрид. Не плаќале редовно сметки кон добавувачи на лекови, а од друга страна медицинските и економски директори си ги зголемувале платите со додадени дежурства“, вели тој.
Според него, болницитее и клиниките успеале од почетокот на годината до јуни да го зголемат долгот од 65 милиони на 81 милион евра.
Иако во јавноста се тврди дека во буџетот има доволно пари, директорот на ФЗО вели дека тоа не е точно. Според него, има повеќе примери каде што се делеле незаработени плати дали преку зголемување на основните плати или преку дежурства и други форми.
На новинарското прашање од каде ќе најде пари Клиниката за онкологија до крајот на годината ако до јуни го потрошила буџетот за 2024 година, Клековски вели дека ФЗО работи на обезбедување дополнителни средства.
Клековски смета дека сериозната должничка криза во здравствениот сектор може да направи проблеми во функционирањето, но најави дека ќе објават план за санација оти, како што вели, не е доволно само покривање на долговите, туку кој ги генерира.
Од неговите досегашни обиколки по болниците увидел сериозни пропусти на непланско и недомаќинско работење. Како пример ја посочи штипската болница која нема магнетна, колоноскопија и гастроскопија, ама затоа има акцелератор од 2 милиони евра, за кој рече дека 10 години фаќа прашина. Видеото го сподели Телма.