(Видео): Како да им се помогне на компаниите подобро да работат и да се поконкурентни?!

Во најновата епизода на подкастот „Бизнис-клуб“ гостин на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески е Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на најголемата млекарница во државава. Петрушев претставува редок пример на кадар кој својот професионален развој го поминал и во државниот и во приватниот сектор. Петрушев зборува за напредувањето во професионалниот живот, кој го започнал во јавниот сектор, од самостоен соработник во Агенцијата за санација на банки преку раководител во Македонската банка за поддршка на развојот до државен секретар во Министерството за економија на Македонија и за неговата одлука да премине во приватниот сектор.

Првото вработување во приватниот сектор му е во Групацијата М6, каде што бил задолжен за напредокот и за ребрендирање, како и за трансформацијата на производството од наливно вино до вино во шише – производ со додадена вредност.

Според него, работата во Агенцијата за санација на банки му помогнала во градењето на неговата личност како професионалец, преку неговиот ангажман за намалување на долгот на државата од емисијата на државните обврзници. Во разговорот со Азески тој истакнува дека за економски развој на државата од голема важност е соработката меѓу државниот и приватниот сектор, а прв таков обид на една маса да седнат и јавниот и приватниот сектор се остварил преку формирањето на Националниот совет за претприемништво, при што државата имала можност да ги искористи искуството и добрите практики на приватниот сектор.

Според него, денес тоа продолжува со формирањето на Националниот совет за извоз, со кој претседава претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, а со него на иста маса седат премиерот на Владата на РСМ, претставници на бизнис-секторот и  претставници на државните институции и таму ќе се одвива јавно-приватниот дијалог, ќе се третираат области и прашања поврзани со извозот и ќе се канализираат сите предизвици и пречки со кои ќе се соочуваат компаниите во своите извозни активности, не само во регионот, туку и пошироко.