Градончалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, го претстави, како што вели, третиот сет мерки за вразумување на градежниците и инвеститорите бидејќи „профитот не смее да биде поважен од безбедноста, квалитетот на живот и од интересот на граѓаните“.
Овие мерки се во насока на подобрување на функционалноста на објектите што се градат, поголема заштита на сопствениците на земјиштето, поголема безбедност за објектите и за граѓаните кои живеат околу објектот кој се гради, како и обезбедување поквалитетна градба, ставање поквалитетни материјали, поубав изглед на новите објекти и поголема гаранција на квалитет која мора да им ја дадат изведувачите на идните станари, посочи Јакимовски.

- Од денес во Карпош важат нови, обврзувачки правила: секој проект ќе добива одобрување од стручна комисија (архитекти + инженери), договорите меѓу инвеститор и сопственик – задолжително заверени од двајца адвокати, 3 години гаранција за покрив, прозорци, бањи и врати, забрана за градење во недела и за празници, за сета арматура – монтажа во еден ден или нема дозвола, гаражите мора да бидат над земја за безбеден пристап, банкарска гаранција од 15.000 евра за соседите и за инфраструктурата, градежен инспектор на самото место по секоја фаза, купувачите со обврзно адвокатско застапување, нема стан без гаража во договорот, ќе одбиваме дозволи и ќе затвораме градилишта ако не се почитуваат овие одредби и прекршителите ќе добијат забрана за градење во Карпош – рече Јакимовски на прес-конференција.
Одредбите од овој Правилник се однесуваат за градби А1, односно индивидуални објекти кои масовно се претвораат во колективно домување и за кои при изведбата имало огромни поплаки од страна на граѓаните бидејќи сѐ било подредено на изведувачите на објектите, а безбедноста мирот, спокојноста и сигурноста на станарите е целосно маргинализирана, појаснува градоначалникот на Карпош.

И покрај изречени повеќе опомени и напишани повеќе казни од општинската комунална инспекција, од општина Карпош информираа дека градежната компанија „Спектар Термо“, која работи на изградба на објект на улицата Драгутин Аврамовски Гуте бр.25 во Влае, и натаму продолжува со своето несоодветно однесување, поради што градилиштето го посетил Јакимовски. На лице место била повикана и сообраќајна полиција, а по извршениот увид, донесена е одлука да се затвори градилиштето заради попречување на сообраќајот, несоодветно однесување на градежната компанија, уништување општински имот и загрозување на безбедноста на граѓаните.