Весникот на Сириза објави македонска професорка која говори за Македонија

Весникот Авги кој важи за гласило на грчката владеачка партија Сириза викендов зад нас објави колумна на македонската професрока Катерина Колозова во која што таа зборува за Република Македонија и за проблемот со името.

Во колумната насловена „За политиките на јазикот:Како да се придвижиме напред? (On policing language: How can we move beyond it?) Колозова пишува дека Република Македонија се нашла во чудни и тешки времиња: години на политичка криза која започнала со народен револт против авторитарното владеење на коалицијата Груевски – Ахмети која завршила со нешто што меѓународните медиуми го нарекле закана за опстанок на земјата.

Според Колозова излезот од кризата наместо со домашна започнал до странска реформистичка агенда, односно откако етничките албански партии притиснале за решение на спорот со Бугарија, Грција и решавање на албанското прашање под патронажа на албанскиот премиер Еди Рама. Во тие процеси на решавање на голем број прашања за малцинските права, историјата, културното наследство и именувањето преку Тиранската платформа координирана од Рама, земјата според Колозова влегла во прашањето за Македонскиот национален идентитет.

„Слонот во собата е идентитетот на нацијата која што сака да ги зачува правата стекнати во СФРЈ и ветени од Коминтерната пред втората светска војна. Сите од нејзините соседи имаа проблем со признавање на правото на постоење на ваква нација откако колабираа Југославија и комунизмот. Ајде да се занимаваме со слоното во собата наместо да се претвараме дека се занимаваме со прашања на разлики како деноминација на регион и држава од чисто технички причини. Дајте да се обраќаме без да глумиме жртви на двете страни туку како активни и суверени ентитети: Кои се грчките стравови од иредентизмот и како можеме да ги надминеме?, прашува Колозова во колумната која што покрај во весникот Авги е објавена и во левичарскиот весник Епохи.

Колозова во колумната вели дека Грција сигурно не се плаши од опасноста да биде окупирана од земја која што пред една година беше „нефункционална држава“. Таа ги уверува грчките читатели дека Македонците не се идентификуваат со Македонската антика туку со Словенството и покрај обидот на Груевски за ткн Антиквизација.

За Колозова стравот дека Македонците во Грција можат да побараат анексија со матичната држава е параноиден: Ние сме во 21 век и ние сме во Европа иако на нејзините граници, смета таа. Доколку тоа е проблем, авторката сугерира да се потпише договор сличен на тој со Бугарија. Во него треба да се допрат сите отворени теми а Македонија треба да даде гаранции дека нема никакви претензии кон Грчката антика дури и кога таа се вика Македонска.

Во врска со македонските позиции Колозова вели дека правото на самоидентификација е неотуѓиво и дека таа се идентификува како Македонка. Не како античка туку како модерна Македонка, со словенско потекло. Вели дека е свесна дека македонскиот идентитет , јазик и историја е поврзан со Бугарскиот но сепак е далечен и таа нема избор освен да се идентификува како Македонка каква што е родена.

Се останато, ако Македонците мораат да се покорат пред грчките барања за преименување на идентитетот (преку забрана на придавката Македонски), нема да успее затоа што никој нема да се идентификува со новото решение.

– Јас ќе речам „Јас сум централно Балканка“ кога ќе морам но нема да се идентификувам со тоа а потиснатиот идентитет ќе креира движење на отпор против ваквото решение. Ваквата насилна репресија на постоечкото чувство на национална идентификација може да биде извор на реален иредентизам, пишува Колозова според која што сегашниот иредентизам за кој зборува Грција е во доменот на фантазијата.

Катерина Колозова е професор по филозофија и родови студии и автор на книгата “Сечење на реалното: Субјективноста на Постструктуралната филозофија“ во издание на Универзитетот Колумбија од САД.

Нејзината колумна за весниците Авги и Епохи е дел од поширока анализа во која учестуваат водечки грчки аналитичари кои се обидуваат да дадат позитивна енергија во дебатата за решение на спорот за името. Колумната на Колозова е еден од ретките примери каде што македонски автори се објавени од грчки мејнстрим медиуми без притоа да нема цензура на именувањето на земјата и нацијата како Македонија или Македонска.