Врз основа на регионалната експертиза направена од Вашингтон пост, може да се идентификуваат неколку главни причини поради кои светот треба да се грижи за она што се случува во Македонија.
1. Конфликтите на етничка основа на Балканот може да го запалат цел регион
Вашингтон пост вели дека демографските информации во Македонија се доста стари затоа што таму таму немало официјален попис од 2002 година. Најновите податоци покажуваат дека околу 64 проценти од населението се етнички Македонци (кои се православни христијани и го зборуваат македонскиот јазик како мајчин јазик), а до 25 проценти од населението можеби се етнички Албанци кои традиционално се муслимани и кои освен македонскиот го зборуваат на албански јазик како мајчин.
Партиите на етничките Албанци меѓу другите барања очекува нивниот јазик да стане официјален јазик во државата. Конзервативците од ВМРО – ДПМНЕ тврдат дека ова се опасни чекори кон менување на границите во регионот за да се отвори пат за Голема Албанија. Тие предупредуваат и дека секој обид да се сменат балканските граници ќе доведе до насилство и војна.
Нападот на толпата врз Собранието на Македонија го алармираше регионот. Српскиот премиер Александар Вучиќ свика итен состанок и ја мобилизираше српската војска, за во случај конфликтот да се прелее. Идниот премиер Заев оттогаш ја обвинува Србија за непријателско однесување кон Македонија.
2. ЕУ и САД реагираа конфузно и со дилеми
По насилство во македонското собрание Америка и многу европски влади речиси веднаш го признаа новоизбраниот спикер Талат Џафери, и покрај фактот дека гласањето го немаше неопходниот кворум и беа повредени важни процедурални правила, вклучувајќи го и електронското гласање.
Ова итно признавање на изгласувањето е во спротивност со обидите да се преговара за примирје на неутрален начин. Заменик-државниот секретар на САД, Хојт Ји, назначен во времето на претседателот Барак Обама, помогна да се дојде до договор во преговорите меѓу СДСМ и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, американскиот републикански конгресмен Дејна Рорабакер, претседател на конгресниот поткомитет за надворешни работи, продолжува да тврди дека Македонија не е држава – и покрај тоа што земјата мирно стекна независност во 1992 година, пред другите поранешни југословенски територии да се впуштат во крвав конфликт.
Македонија во 2009 година се обиде да влезе во Европската Унија, но Грција стави вето на тој обид. Некои мислат дека европските влади не направиле доволно за да извршат притисок врз Грција да ѝ овозможи на Македонија да пристапи во блокот – особено затоа што стратегискиот став на Европската Унија е дека постепената интеграција на Западен Балкан во Унијата е од клучно значење за промовирањето на мирот, стабилноста и економскиот развој. Од тогаш, македонските граѓани се сè поскептични кон Европската Унија. Еден појасен, подоследен и погласен став од владите на западните земји може да помогне во промоцијата на стабилноста.
3. За Москва западот е виновен за проблемите во Македонија
Европската Унија и Амбасадата на САД во Скопје, веќе долго време повикуваат да се стави крај на политичкиот ќор-сокак и да се врати владеењето на правото. Претставниците на ЕУ го поддржаа изборот на Џафери и го повикаа Иванов да овозможи да се формира нова коалициска влада меѓу македонските социјалдемократи и партиите на етничките Албанци.
Русија, од друга страна, го обвини Западот за разгорување на превирањата во Македонија. Рускиот министер за надворешни работи рече дека западните обиди за промена на режимот во Македонија се дел од планот за создавање на Голема Албанија и дестабилизација на регионот. Русија ја поддржува конзервативната партија и се обидува да изврши притисок врз Македонија да се откаже од своите амбиции за влез во Европската Унија и наместо тоа, уште повеќе да се приближи до орбитата на Русија.
4. Неизвесна иднина на Македонија
Неизвесната судбина на Македонија е лоша вест за регионот и за Европа. Иванов се согласи да му овозможи на Заев да формира влада. Поддржана од Европската Унија и НАТО, новата влада може да биде подложена на интензивен притисок да ги реши главните отворени прашања.
На пример, тука е нерешениот спор за името: Грција тврди дека уставното име на Македонија го загрозува нејзиниот територијален интегритет зашто северната провинција на Грција исто така се нарекува Македонија. Промената на името би ги отворила вратите за влез на Македонија во Европската Унија и НАТО, но многу Македонци се против на тоа.
Заклучок
Според Вашингтон Пост западните влади можеби можат да спречат да се влоши кревката ситуација во Македонија со тоа што ќе ѝ посакаат добредојде како полноправна членка на Европската Унија и НАТО. Тоа би можело да ги охрабри македонските политичари мирно и трајно да ги решат политичките проблеми.
Автор на текстот во американскиот весник се професорката Сара Вилсон Сокхеј на Универзитетот Колорадо во Булдер која што се занимава со истражување на политичките и економските реформи во посткомунистичките земји земји во централна и источна Европа, Русија и Централна Азија. На истражување за потребите на текстот учествувал и Данило Ѓуковиќ, студент на истиот универзитет.