„Во последниве години Русија значително ја зголеми својата активност на западниот Балкан. Москва се обидува да ги намали аспирациите на некои од екс југословенските земји да влезат во НАТО и ЕУ. При крајот на оваа фаза Русија ги употреби и своите специјални служби и системи за дезинформации. Протечените македонски документи на македонските контраразузнавачки служби покажуваат колку ефективно Русија ја дестабилизирала Македонија со години. Москва го користела истиот систем и во други балкански држави“, се вели во анализата на фондацијата „Варшава Институт“ насловена како „Македонија ставена на оган“, објавена деновиве.
Според овој полски аналитички и истражувачки центар кој подготувува експертски и образовни проекти и е заинтересиран за геополитички, економски и културни прашања во Полска, Централна и Источна Европа најверојатно документите за руските активности во Македонија до медиумите ги доставила новата влада.
Според „Варшава институтот“ екс премиерот Никола Груевски од неодамна бил поддржуван од Москва а Социјалдемократите ги прифатиле постулатите на Албанците за федерализација на земјата во замена за поддршка на новата влада.
Во анализата покрај ставови на институтот се користат информации од извештајот подготвен од страна на група новинари истражувачи НОВАТВ и партнерите ОССРП (Мрежата за известување за оганизиран криминал и корупција OCCRP) и Српската мрежа за истражување криминал и корупција КРИК во партнерство со британскиот весник „Гардијан“.