Вардар ќе бара трет тренер само по четири кола, откако и Петрески си даде оставка!

Поразот од 3:1 против Воска вчера на Националната арена „Тодор Проески“ го чинеше функција и Горан Петрески, кој си даде оставка само по два натпревара на кормилото, па Вардар ќе бара трет тренер само по четири кола од Првата македонска фудбалска лига, откако претходно се повлече Горазд Михајлов по победата над Пелистер од 1:0!

„Јас и мојот стручен штаб ја преземаме одговорноста за двата порази во низа и од денес повеќе нема да ја извршуваме тренерската функција во клубот. За Вардар секогаш сум го давал целото свое срце, така беше и овој пат. Жалам што сета таа љубов и посветеност не ги донесе посакуваните резултати“, изјави Петрески, кој дебитира на клупата со пораз од 3:0 против Шкупи на Чаир.

По четири одиграни првенствени средби најтрофејниот македонски фудбалски колектив со 3 бода го дели претпоследното место на табелата со Брера, од која загуби со 3:1 на стартот во Струмица.

Вардаровите навивачи „Комити“ очекуваа многу повеќе од своите миленици во новата сезона, откако непосредно пред неа клубот договори значителна финансиска инјекција од еден милион евра од австриски „Новоматик“, па бесот го искалија по поразот од охриѓани со вадење на фудбалерите од соблекувалната за да им го искажат незадоволството.