Вардар со Порто и со два тима од квалификациите во Европската лига на ЕХФ

Ракометарите на Вардар ќе играат со стариот познаник Порто и со двајца победници од квалификациските двомечи во рамките на групата Ф од Европската лига на ЕХФ.

Противници на двократниот освојувач на Лигата на шампионите од квалификациите ќе му бидат подобрите од дуелите меѓу германски Мелзунген и норвешки Елверум, како и меѓу исландски Валур и хрватски Бјелин Спачва од Винковци.

„Црвено-црните“ ќе стартуваат на 8 октомври на домашен терен против победникот меѓу Валур и Спачва, а групната фаза ќе ја завршат исто така во својата арена „Јане Сандански“ против подобриот меѓу Мелзунген и Елверум.

Двете најуспешни екипи од осумте групи, во кои има четири поранешни освојувачи на ЛШ (покрај Вардар уште Кил, Флензбург и Монпелје), ќе се пласираат во осминафиналето.

Флензбург е бранител на трофејот во второто по ранг клупско натпреварување на стариот континент.