Ракометарите на Вардар го загубија и возвратниот натпревар со Порто во Европската лига, и тоа со 37:24 во дебито на клупата на Стојанче Стоилов, кој го замени Владо Недановски, кому двократниот европски првак му се заблагодари за соработката пред два дена.
Третиот пораз во низа во второто по ранг клупско натпреварување на ЕХФ ги сведе на симболични шансите на „црвено-црните“ за пласман во главната фаза по групи пред реваншите со Валур во Рејкјавик на 19 ноември и со Мелсунген во Скопје седум дена подоцна.
Приказната во арената „Драгао“ заврши само по десетина минути од почетокот на средбата, кога беше 6:5 за португалскиот шампион, кој на полувреме замина со убедливи 17:10, а во вториот дел безмалку ја удвои разликата во своја полза.
Како и во Скопје минатата седмица, најзаслужен за тоа беше голманот Диого Маркеш со неговите 17 одбрани со 42 отсто успешност, а во нападот се издвои левиот бек Педро Валдеш со 9 гола од 11 удари.
Кај вардарци левото крило Марко Срдановиќ имаше ефект 6/8, а голманите Мигел Еспиња и Васил Гогов заедно запишаа 7 успешни интервенции, од кои Португалецот 4.