Црвено-црните доцна попладнево во Скопје беа незадржлива машина во мечот со Рајн Некар Левен од 8 круг во Лигата на шампионите. И не е само триумфот изразен со 30-26 туку и начинот, зрелоста, свесноста за сопствениот квалитет и можеби, уште повеќе, моделот да се извлече најдоброто од себе, а патем да се исконтролира респектибилниот противник.
Вардар во континенталното дерби во Јане Сандански брзо се одлепи. За 6-3 до десеттата минута само беше прочитана тактиката на Бундес првакот по што се беше полесно. Додека гостите бараа резервен план во пеколниот амбиент Европскиот шампион веќе имаше шест позитива (16-10), а на полувреме замина со солидни 17-13. Во продолжението се се сведе на неуспешно бркање на резултатот од страна на Рајн Некар, но и лесно одбивање на сите напади. И сето интересно овој пат без вообичаено големата помош од Штербик, но затоа бедемот пред него беше извонреден, а нападот разновиден и имаше широчина за што говорат седумте гола на Борозан, шесте на Чупиќ, петте на Кристопанс.
Европскиот првак сепак бил позначаен од актуелниот германски. Вардар го победи Рајн Некар Левен со 30-26 по што направи осетна разлика од 4 бода на врвот од табелата во А групата од Лигата на ракометните шампиони. Инаку ова беше единствениот натпревар денеска во првата група. Другите 3 се утре.